Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Изнуда согласно член 258 став 1 во врска со членовите 19 (во обид) и 22 (во соизвршителство).

Осомничениот 33-годишен скопјанец, заедно со уште едно лице кое до сега не е идентификувано, со сила и сериозна закана се обиделе да принудат еден оштетен стоматолог да им исплати 5.000 евра.

Откако претходниот ден осомничениот се јавил и закажал термин како пациент во ординацијата, на 29 јануари двајцата соизвршители дошле на закажаниот термин. Осомничениот од неговиот мобилен телефон му покажал на стоматологот видео клип со наводно компромитирачка содржина и побарал од него 5.000 евра за да не го објави.

Во тој момент оштетениот започнал да го снима разговорот со неговиот мобилен телефон. Осомничениот го забележал, му го одзел телефонот и го избришал снимениот разговор. Потоа го натерал оштетениот заедно да излезат од ординацијата и се обиделе насилно да го внесат во автомобил. Оштетениот одбил, по што осомничениот му се заканил уште еднаш дека ќе треба и дополнително да плати затоа што ги снимал, па двајцата сторители заминале во непознат правец.

Се преземаат дејствија за откривање на идентитетот на вториот осомничен, додека за првиот јавниот обвинител предложи да бидат определени мерки на претпазливост – обврска да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за нејзино издавање, како и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со оштетениот.