Косово би можело повторно да оди на предвремени парламентарни избори во април, доколку опстане указот на претседателката Вјоса Османи за распуштање на парламентот, објави КосоваПрес.
Доколку се одржат, тоа ќе бидат трети парламентарни избори во последните 14 месеци, предизвикани од неспособноста на политичките партии да конституираат парламент, да формираат влада и да изберат претседател.
Османи вчера го распушти парламентот откако законодавниот дом не успеа да избере претседател во рокот предвиден со Уставот.
Премиерот Аљбин Курти, меѓутоа, оцени дека одлуката е противуставна и најави дека прашањето ќе биде поднесено до Уставниот суд, кој треба да одлучи дали Косово треба повторно да одржи парламентарни избори, имајќи предвид дека последните предвремени избори се одржаа на 28 декември 2025 година.
КосоваПрес наведува дека толку многу изборни циклуси во толку краток период е појава што ретко се случува во демократските држави.
Сепак, според анализата на агенцијата, постојат земји каде изборите се одржуваат дури и почесто.
Како пример се наведува Бугарија, каде во 2021 година беа одржани три парламентарни избори – на 4 април, 11 јули и 14 ноември. Подоцна следуваа уште изборни циклуси во октомври 2022 година и април 2023 година, како и на 9 јуни и 27 октомври 2024 година, што значи дека граѓаните на Бугарија гласаа седум пати за три години поради неможноста да се формира стабилна влада.
Агенцијата посочува дека Израел исто така се издвојува по честото организирање избори. Таму гласачите трипати излегоа на избори во период од 11 месеци – од април 2019 до март 2020 година. Политичката нестабилност продолжи и подоцна, па на 23 март 2021 година се одржаа нови избори, а уште еден циклус следуваше на 1 ноември 2022 година.
Така, за разлика од Косово, кое би можело да одржи три изборни циклуси во период од 14 месеци, Израел имаше пет избори за три и пол години, бидејќи ниту еден политички блок не успеа да обезбеди стабилно мнозинство во парламентот – Кнесетот.
КосоваПрес наведува дека и Шпанија имала чести избори – четири пати во периодот од 2015 до 2019 година, додека Италија традиционално се смета за земја со чести владини кризи и повторени избори.
Сепак, според агенцијата, Израел и Бугарија остануваат „вистински шампиони“ по бројот на изборни циклуси во краток временски период.




