Дека приказните за вакцинацијата како спас и Израел како патоказ не се „празни“, најдобро покажуваат веќе два дена празните колони каде што се податоците за бројот на починати од Ковид-19 во оваа блискоисточна земја.
Со други зборови, Израел веќе два дена нема починати од Ковид-19, а вчера бројот на новозаболени беше само 85!
По спроведената најбрза и најмасовна вакцинација од сите земји во светот, Израел живее нормален живот повеќе од еден месец. Плажите, кафулињата, рестораните, ноќните клубови станаа полни, маските веќе не се носат на отворено, а сè помалку во затворен простор, луѓето се собираат, играат, се забавуваат, со еден збор, уживаат.
А, бројот на новоинфицирани станува сè помал – оваа недела, според сајтот „Ворлдметар“, тој се движел меѓу 130 и 170 со еден „ексцес“ од 315 нови случаи.
Израел ревакцинираше скоро 60 проценти од населението
Патем, Израел досега има ревакцинирано 5,3 милиони од вкупно девет милиони граѓани, што е процент од скоро 60 проценти. Кога ќе додадете на тоа милион од оние кои ја поминаа короната, јасно е дека оваа земја достигна колективен имунитет.