Израел вети дека ќе го пронајде и убие Јахја Синвар, командантот на Хамас кој се смета за одговорен за нападите на 7 октомври врз јужен Израел во кои загинаа повеќе од 1.400 луѓе.

Се сомнева дека Синвар (61) е сместен во контролен центар на Хамас под болница во Појасот Газа. Болницата ги негираше овие наводи, пишува Дејли Мејл.

Како лидер на Хамас во Газа, Синвар е вториот најмоќен член на групата по Исмаил Хание.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го опишува Синвар како „мал Хитлер во неговиот бункер кој не се грижи за својот народ“.

Потполковник Ричард Хехт, портпарол на израелските одбранбени сили, ги споредил Синвар и Осама бин Ладен, пренесува Јутарњи лист.

„Синвар е олицетворение на злото. Тој е мозокот зад овој напад, исто како што Бин Ладен стоеше зад нападите од 11 септември“, рече тој.

Јахја Синвар претседава со работите на Хамас во Газа и формираше свое разузнавачко и воено крило, IQB.

ИДФ минатиот месец објави дека ќе го бара Синвар, како и други високи претставници на Хамас.

Потсетуваме, Синвар беше осуден на 426 години затвор во 1989 година за убиство на двајца израелски војници, а беше ослободен во 2011 година во рамки на размена на затвореници.

Израел смета дека Синвар и другите ослободени во таа размена биле вклучени во нападот на 7 октомври. Израел оттогаш тврди дека Хамас има седиште во болницата Ал-Шифа во Газа.