Во саботата, Израел изврши копнена операција со воздушна поддршка во центарот на станбена населба во областа Нусејрат во Газа. Заложниците биле држени во два одвоени станови, соопшти израелската војска.

Здравствените власти од Газа објавија дека во операцијата загинале повеќе од 270 Палестинци.

„Начинот на кој беше извршена операцијата во толку густо населена област сериозно бара истрага за тоа дали израелските сили ги почитувале принципите на дистинкција, пропорционалност и претпазливост – утврдени во меѓународното право“, рече портпаролот на ОХХР Џереми Лоренс.

Лоренс додаде дека одлуката на вооружените групи да држат заложници во толку густо населена област „ги загрозува животите на палестинските цивили, како и на самите заложници“. „Сите тие акции на двете страни би можеле да бидат воени злосторства“, рече тој.

За време на терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври, Хамас киднапира околу 250 заложници. Повеќе од стотина од нив беа ослободени во замена за 240 палестински затвореници од Израел, како дел од договорот во ноември.

Според израелските податоци, во Појасот Газа има уште 116, од кои 40 кои Израел ги прогласи за мртви.