Разузнавачките служби на САД проценуваат дека Иран и покрај интензивните американско-израелски напади, се уште поседува значителни капацитети за лансирање ракети и дронови.

Извори запознаени со извештаи на разузнавањето за „Си-Ен-Ен“ посочија дека околу половина од иранските ракетни системи се уште се нечепнати, а арсеналот на Техеран располага и со илјадници дронови за еднонасочни напади. Речиси целосно оперативни се иранските системи со крстосувачки ракети од крајбрежната одбрана, бидејќи тие воопшто не се опфатени со досегашната американска воена кампања.

И покрај тоа што САД погодиле повеќе од 12.300 цели во Иран и елиминирале клучни високопоставени официјални лица, вклучувајќи го врховниот лидер Али Хамнеи, иранскиот капацитет за ракетни и напади со дронови се уште постои, велат упатените извори на „Си-Ен-Ен“.

Официјалните претставници на Пентагон и на Белата куќа ти оспоруваат таквите проценки, тврдејќи дека иранската воена моќ „значително ослабнала“ и дека САД и Израел го контролираат воздушниот простор над Иран. Израелските проценки се дека се уште се оперативни меѓу 20 и 25 отсто од лансирните ракетни капацитети, но дека се уште има оперативни ракетни системи скриени во тунели и пештери.

Разузнавачките податоци исто така укажуваат на предизвици во уништувањето подземни лансирни рампи во Иран, како и дека Иранската револуционерна гарда се уште поседува стотици мали пловила и беспилотни системи со потенцијал да загрозат бродови во Ормускиот теснец.