Александар РУСЈАКОВ
„Хотел меѓу две војни“
Тој товари опиум – му објасни вујкото – го праќа за Хонг Конг, а тоа многу ја лути Британската Империја.
– Зошто?
– Затоа што таа го контролира опиумот во Кина. А нашиов праќа ем поквалитетен, ем поевтин од нивниот. Им се меша во трговијата. Многумина шепотат дека со тие пари купува оружје за Организацијата на Македонците.
– Страшната Организација?
– Да, страшната Организација.
Еден разговор со Александар, на Мустафа ќе му се вреже засекогаш во мислите. Тој ден Македонецот изгледаше како да нема желба за зборување, иако најчесто така изгледа. Со мрачно лице само зјапа во минувачите низ корзото. Можеби половина час тројцата молчат. Велешанецот, вујкото и Мустафа.
– Што ти е? – конечно праша вујкото.
Александар ги погледна како штотуку да се разбудил од кошмар.
– Ништо. Бројам шпиони.
Мустафа првпат го чу зборот шпион.
– Какви бре шпиони? – се насмеа вујкото.
– Британски, француски, руски, унгарски, германски… сите шпиони се тука… во Солун.
– Да не си пушел опиум?
– Арно ќе беше да сум пушел. Ама и опиумот ќе ни го земат.
– Кој?
– Оние за кого работат сите тие шпиони.
– Не те разбирам.
– Капитализмот како стрела ја прободе феудалната Империја. Погодок в срце, градот Солун. Со парите, дојдоа и странците. Кафеаните и борделите се наполнија шпиони од сите европски држави. А штом еден град се полни со шпиони, тогаш сигурно тука ќе има големи потреси.
– Тука во Солун?
– Не. Тука на Балканот.
Извадок од романот ХОТЕЛ МЕЃУ ДВЕ ВОЈНИ.