Со хеликоптер се евакуирани лицата од светиниколското село Стројменци.
Петте лица од светиниколското село Стројменци, кои беа заробени во пожарот, со помош на хеликоптер веќе се извлекуваат, изјави за МИА градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев.
„Огнот во моментов е над селото Орел, накај селото Ранчанци. Во атарот на село Орел сега нема опасност по куќите и мислам дека ќе го стават под контрола, потоа од Стројменци накај село Ранчанци, накај манастирот Света Недела. Ме радува што во моментов има авиони, кои ќе помогнат. Овие села можеби не се големи, но се живи села“, вели Владев.
Од ЦУК објаснија како луѓето се спасени.
„Најпрво полицискиот хеликоптер фрлил вода врз огнениот обрач, направил дупка во огнот низ која брзо влегле пожарникари од доброволното противпожарно друштво од Свети Николе и со возила низ огнениот обрач ги извлекле животно загрозените заробени лица. Голема благодарност до храбрите доброволни пожарникари и храбрите македонски пилоти“, изјави Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.