Стан од 344 квадратни метри на фирмата Би-холдинг, чиј сопственик е Хана Јахоска и со проценета вредност од околу милион евра е гаранцијата во недвижност која Апелација ја прифати и му го укина притворот на Асмир Јахоски, сопственикот на Пуцко Петрол и син на пратеник на ДУИ, објави Телма.
Јахоски е осомничен за перење пари во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино и дополнително, во судот, депонирал уште 72 милиони денари односно околу 1,17 милиони евра во готовина преку фирмата Пуцко Петрол.
Станот на Партизанаска во Скопје е во сопственост на Би холдинг-, а оваа фирма на сопругата на Јахоски, преку адреса на Партизанска, до центарот Лептокарија, директно е поврзана со Куштрим Смајлај, зетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
КОД кој беше емитуван на Телма и доби награда за истражувачко новинарство на ЕУ, преклани откри дека фирмата КСА на зетот на Ахмети и Би Холдинг на Јахоски имаат иста адреса. Таа адреса многу личи и на адресата на станот даден за гаранција за да му се укине притворот на Јахоски во денешната анонимизирана одлука на скопската апелација.
При одлучувањето Судот го имаше предвид претходно прибавениот позитивен предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје и мислењето на Вишото јавно обвинителство Скопје да се уважи жалбата на осомничениот, со прифаќање на понудената гаранција – соопшти Апелациониот суд Скопје.
На Јахоски му се определени мерки на претпазливост одземање на пасош и редовно јавување во суд во Скопје.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, во која се опфатени и екс директорот на ЕСМ Васко Ковачевски (во бегство), додека во притвор се сопствениците на РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски и поранешниот менаџер за продажба во ЕСМ Адриан Муча- сите осомничени за набавките мазут вредни над 160 милиони евра.
Инаку покрај гаранцијата за излегување од притвор, во рамки на истражната постапка, по барање на обвинителството судот замрзнал и повеќе недвижности на Јахоски кои се во Скопје и во Пласница.