Ниту еден пензионер во Република Македонија, односно ниту едно пензионерско семејство не смее да има помалку од 25.000 денари, изјави денеска претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.
– Состојбата кај пензионерите ни е во катастрофална состојба, статистиката вели дека 17 проценти од пензионерите примаат пензија помала од 13.000 денари, а дури 47 проценти од пензионерите земаат пензија помала од 16.000 денари. Тоа значи дека скоро половина од пензионерите се под еден нужен минимум кој овозможува нормално функционирање на еден пензионер, односно на едно пензионерско семејство. Ние во пензискиот систем не смееме да чепкаме, пензискиот систем треба да го чуваме како очи во главата затоа што ако кај него направиме дупки и погрешни политики тоа значи дека за 20-тина години нема да можеме да ги исплаќаме пензиите. Но затоа за пензионерите може да се интервенира со мерки на социјалната политика, а тоа значи ниту еден пензионер во Република Македонија, односно ниту едно пензионерско семејство не смее да има помалку од 25.000 денари – рече Јакимовски.
Тоа значи ако едно семејство има 18.000 денари пензија до 25.000 денари од социјалната политика, од социјалната заштита ќе добива уште 7.000 денари. Ако во меѓувреме вториот член од пензионерското семејство станува пензионер и тој сега има пензија која што е 15-20.000 денари тоа значи дека овие 7.000 денари ќе бидат дадени на некој друг, а веќе ова пензионерско семејство ќе има 37-8 илјади денари приход.
– Со овие мерки сакаме драстично да го подобриме животот на пензионерите, да се овозможи на секое пензионерско семејство нормално да функционира. Зимно време да може нормално да ја згрее собата во која живее, да обезбеди лекови за себе за својот сопруг или сопруга, но во исто време да може да ги подмири сите трошоци за живот на едно пензионерско семејство – рече тој.
Јакимовски додаде дека највисоките пензии од 45.000 до 60.000 денари имаат само 1.560 пензионери, а до пред некоја година биле преку 3.000 пензионери.
– Што значи дека сѐ повеќе бројот на пензионерите кои што имаат повисоки пензии и можат да си овозможат нормално функционирање на нивното пензионерско семејство се сѐ помалку и сѐ повеќе граѓаните преоѓаат во овој дел каде што се под егзистенционален пензионерски минимум што значи дека со мерките на социјалната политика, ние секое пензионерско семејство ќе го обезбедиме да има над 25.000 денари приход, нагласи Јакимовски.