За да се дознае вистината бидејќи и тогаш и денес сметам дека со вака конструиран обвинителен акт ниту е направена правична и правилна истрага за настаните за 27 април ниту се презентираат докази и факти околу евентуални организатори за настаните за 27 април,имајќи ја во предвид оскудната листа на предложени докази од обвинителството, сакам да го замолам судот да ни овозможите т.н наречена реконструкција на овој настан преку распит на сите предложени сведоци како и да обезбеди одредени докази наведени во листата на докази кои ние сами со одбраната не успеавме да ги обезбедиме од одредени институции, односно иако ги побаравме истите не ни беа доставени.
Клучниот доказ во овој предмет за мене – целосно невистинита и скандалозна изјава на сега осудениот Александар Василевски – Нинџа на кого ова не му е прв предмет преку лажни изјави да загрозува лица , кој притоа сакам да нагласам дека ниту го познавам, ниту некогаш сум имал непосреден контакт со него целосно ќе биде побиена и тоа со факти и докази кои ќе ги изведеме пред Судот.
Заедно со мојата одбрана преку распит на сега осудениот Александар Василевски – Нинџа за кого веќе имам подготвено над 300 прашања но и останати сведоци предложени во листата на сведоци, а кои имале близок контакт и постојана комуникација со него ќе докажеме дека обвинението за мене е наменски конструирано за да послужи за дневно политички цели, паушално е и не се базира на докази.
Преку распит на сведоци и анализа на базните станици ќе докажеме со кого Александар Василевски – Нинџа имал средби во критичниот ден и на кои локации за што апелираме до судот да ни ги обезбеди доказите кои ни недостасуваат а институциите не ни одговориле и ќе докажеме дека критичниот ден немало состанок во таков состав како што изјавува обвинетиот Александар Василевски – Нинџа и дека целокупната негова изјава е лажна и мотивирана од лица кои го нарачале и осмислиле овој обвинителен акт бидејќи неговата изјава е пресликана во обвинителниот акт.