За предвремено излегување од затвор на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков повторно ќе одлучува Кривичниот суд. Додека на поранешниот министер Миле Јанакиески му е скратена казната и на слобода ќе биде од јуни, годинава. Двете одлуки на Апелација беа објавени денеска.
Апелација за Мијалков донесе решение со кое се уважува неговата жалба и предметот се укинува и се враќа на повторно постапување и одлучување пред првостепениот суд.
Инаку, уважувањето на жалбата на Мијалков доаѓа откако претходно предлогот на директорот на затворот во Струга, Ваљон Ќура за условен отпуст на осудениот бил одбиен како неоснован.
Мијалков по спогодбата со обвинителството за случајот Империја доби 3 години затвор. Ќура претходно за Телма изјави само дека дал позитивно мислење за условен отпуст на Мијалков, а не и дека поднел жалба. Мијалков е вработен како возач за потребите на струшкиот затвор.
Апелација ја уважи и жалбата на Јанакиески за условен отпуст. Според соопштението, наместо првичната одлука на Кривичниот суд Јанакиески да излезе на слобода на 16 јануари наредната година, второстепениот суд ја преиначува одлуката и тој во затвор ќе биде до 17 јуни, годинава под услов до тогаш да не стори ново кривично дело.
Јанакиески беше осуден на три ипол година затвор откако призна вина за случајот Титаник за изборни измами. Во меѓувреме со измените на Кривичниот законик застареа и делата за кои се товареше во случаите Топлик и Талир. Неодамна Европскиот суд за човекови права во Стразбур донесе одлука дека на Јанакиески незаконски му бил продолжуван домашниот притвор во случаите за „27 април“ и за „Шпански скали“.