Нов непотистички скандал ја тресе македонската јавност, скандал во кој повторно во главната улога се наоѓа висок државен функционер од редовите на СДСМ, истакна денеска во изјава за медиумите Јане Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Откако пред само неколку дена се само кандидираше за член на Венецијанската комисија, министерката за правда Дескоска се појавува во нов скандал. Имено министерката за правда Рената Тренеска Дескоска со измените во програмата за полагање на правосуден испит, програма која излезе на 17.01.2020 во Службен весник, програма која ја донесе лично Дескоска, воведува нов критериум за идните правници, а тоа е поседување на книгите на нејзиниот сопруг, Тони Дескоски. Министерката за правда Тренеска Дескoска како нов критериум за полагање на правосуден испит во програмата која сама ја донесе на почетокот на оваа година воведува предмет кој го предава лично нејзиниот сопруг, Тони Дескоски, поточно се работи за предметот меѓународно приватно право, рече Мицевски.

Тој додава дека се поставува прашањето каква корист ќе има Дескоска од оваа измена? Колку илјадници евра фамилијата Дескоски ќе заработи од новата програма за полагање на правосуден испит.

-По кои критериуми е одбрана, токму литературата на нејзиниот сопруг, за полагањата на Правосуден испит? Откако две години како е министер за правда прави се за да го заштити криминалот на власт која ја предводеше аболицираниот Заев сега и самата таа е вмешана во дејанија кои претставуваат школски пример за непотизам. Ја повикуваме Антикорупциската комисија да отвори постапка за овој случај, и да каже дали во овој случај има конфликт на интереси, потенцира Мицевски.