Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, во рамки на редовните активности, денеска оствари работна посета на СВР Тетово, каде што одржа средба со раководството на Регионалниот сектор.

На средбата, директорот Јанев беше детално информиран за оперативните планови, поставеноста на службите и начинот на кој ќе се обезбедува јавната безбедност во регионот во наредниот период, како и на денот на вториот круг од локалните избори. Разговарано беше и за напредокот во расветлувањето на случајот со разбојништвото во златарница во Гостивар.

Притоа беше заеднички констатирано дека безбедносната состојба во регионот е стабилна и дека сите полициски активности се насочени кон превенција и обезбедување на слободно, мирно и достоинствено изразување на демократското право на граѓаните – правото на глас.

Јанев нагласи дека полицијата нема да толерира никаква форма на насилство, притисок или незаконско постапување, и дека секој што ќе се обиде да го наруши јавниот ред, интегритетот на изборниот процес или безбедносните стандарди, ќе се соочи со брза, професионална и одлучна реакција на полицијата.

Во регионот на Тетово, покрај физичкото статично и мобилно полициско присуство, безбедноста дополнително ќе биде засилена со современи технички средства – преку камерите од системот „Безбеден град“, како и со воздушен мониторинг со дронови.

Министерството за внатрешни работи, преку Бирото за јавна безбедност, останува целосно посветено на обезбедување мирен, безбеден и демократски изборен процес, како и на заштитата на јавниот ред и сигурноста на сите граѓани.