Во албанскиот приморски град Валона се одржа второто Генерално собрание на Асоцијацијата на шефови на полиции од Југоисточна Европа, СЕПКА, на која учествува и директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев со свои соработници.

Јанев во обраќањето порача дека единствени и со заедничка интензивна соработка полициите ќе може  да се справат со организираниот и транснационалниот криминал, испраќајќи јасна порака дека криминалците нема да имаат мир во ниту една земја.

-Македонската полиција, со околу 40 отсто зголемена размена во рамки на меѓународната соработка во тековната 2025 година, останува силно посветена на унапредување на регионалната и меѓународната соработка, особено во борбата против сите појавни облици на криминал, и континуирано презема мерки и активности за детектирање и идентификување на криминалните групи, нагласи тој.

Домаќинот на средбата, генералниот директор на албанската полиција, Илир Прода, во својот говор форумот го оценил како  „најсеопфатна  и најфункционална платформа за полициска соработка во регионот”.

-Преку овој форум, нашите полиции зборуваат заеднички јазик, размислуваат синхронизирано и дејствуваат со јасни заеднички цели. Затоа денес СЕПКА се смета за сериозен партнер од страна на Европската Унија, од страна на специјализираните агенции, како и од страна на меѓународните партнери кои ги поддржуваат нашите напори за безбедност и стабилност во Југоисточна Европа, рече Прода.

Денешната средба беше посветена на борбата против организираниот криминал и недозволената трговија со тешки дроги, како и илегалната миграција, криумчарењето на мигранти и трговијата со луѓе.

Претседавањето со СЕПКА наредната 2026 година од Албанија го презеде делегација на Босна и Херцеговина.