Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при МВР денес одбележува 45 години од формирањето.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев истакна дека елитната единица претставува еден од најсилните столбови на безбедноста на нашата држава.
-Низ годините, припадниците на „Тигар“ поминаа низ бројни предизвици, реформи и безбедносни закани, но нивната посветеност да бидат заштитници на граѓаните и ‘рбет на безбедноста остана непроменета. Кога било најтешко, тие биле во првите редови, како симбол на храброст, дисциплина и сплотеност. Припадниците на „Тигар“ не се препознаваат само по нивната сила и професионалност, туку и по хуманоста. Многупати биле таму каде што условите биле најтешки – во природни непогоди, во екстремни услови и во ситуации кога граѓаните се соочувале со опасност и неизвесност. Со длабока почит се сеќаваме и на оние припадници кои денес не се меѓу нас, а чија жртва и храброст се вградени во темелите на оваа единица и претставуваат траен аманет за идните генерации, вели Јанев.
Директорот на БЈБ посочува деа „Тигар“ е повеќе од единица – тоа е семејство на исклучително храбри, пожртвувани и врвно обучени полициски службеници, подготвени да се спротивстават на секоја закана на копно, во вода или во воздух, во служба на безбедноста на граѓаните.




