– Предлог-законот за високото образование в понеделник ќе биде поставен на националниот регистар на прописи (ЕНЕР) за дискусија и давање предлози и сугестии. Тој е еден од пакетот три поврзани закони – покрај него, на ЕНЕР се очекува да бидат поставени и Законот за квалитет во високото образование и Законот за научноистражувачката дејност.
– Во моментот интерес во академската заедница најмногу предизвикуваат критериумите за избор во звања, финансирањето на универзитетите и можностите за напредување на целокупната академска заедница – изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на новинарски прашања на настанот за европската образовна програма „Еразмус+“ на Економскиот факултет при УКИМ.
Таа најави и покачување на платите на наставниците во март во согласност со четиригодишниот договор меѓу Владата и СОНК.
– Така како што сме се договориле, не само за оваа година, туку во сите четири години, наставниците ќе добиваат зголемување на платата – мартовската плата, всушност во април, ќе биде покачена за 7,5 проценти – рече Јаневска.




