Од наредната учебна година наместо печатени, свидетелствата од завршени одделенија во основно образование ќе бидат во електронска верзија и дигитално ќе бидат преземани од средните училишта во кои учениците ќе се пријават за упис.
Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека и во овој момент тоа е овозможено преку системот е-дневник, но ќе почне да се применува од идната година откако населението ќе биде повеќе информирано и подготвено за овој дигитален процес.
-Децата и родителите де факто и немаат потреба да го имаат свидетелството во раце освен што тоа е некаков начин да се дружат, да се пофалат, да се израдуваат, па некои и да се разочараат и да вложат повеќе труд … Не го правиме тоа оваа година затоа што не можеме туку затоа што огромен број наши ученици и родители не знаат како тоа да го направат, особено во рурални средини каде нема опрема и интернет. Дигиталната писменост треба да се поткрене на повисоко ниво. Очекувам дека следната година барем над 90 проценти ќе може да се заврши така, иако системот и сега е подготвен за тоа, рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања на настан во Македонската банкарска асоцијација.
Во врска со иселувањето и колку тоа влијае на намалување на бројот на првоодделенци, Јаневска кажа дека точниот број на првачиња кои годинава се запишале во македонските училишта ќе биде познат во септември кога е второто пријавување и тогаш, рече, „ќе може да ги коментираме бројките на евентуално намалување или пораст во одредени општини“.
Фото: МИА архива