Реконструкција на повеќе училишта во Куманово најави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, член на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, која присуствуваше на трибина „Учиме денес за да бидеме подобри утре“. Во Куманово ќе се вложува во четири основни и едно средно училиште.

– Да изразам големо задоволство што се наоѓам во Куманово, град кој навистина оставил белег во сè па и во образованието. Се разбира зборувам за овие луѓе кои соработуваат долги години со мене кои се значаен фактор во образовниот систем. Токму поради тоа ние како централна власт водиме грижа и за локалните случувања во општината. Јас од мојот ресор – образование за 2024-2025 година ќе се инвестираат 360.894.476 денари во реконструкција на повеќе училишта, изјави Јаневска.

Во музичкото училиште „Панче Пешев“ ќе се вложува во реконструкција и мрежна опрема за дигитализација. Реновирање е предвидено во основното училиште „11 Октомври“, како и средства за дигитализација. Реконструкција е предвидена и за основното училиште „Толи Зорудимс“ каде ќе се реконструира фасадата и изградба на пристапна рампа со над 20 милиони денари. Во Куманово, како што изјави Јаневска, се гради нов училишен објект за средното училиште „Сами Фрашери“, за што се одвоени 318.859.000 денари.

– До мене стои носителот на листата кој сигурна сум дека ќе има значајна улога во ова. Овде за градоначалник имаме коалициски партнер, но советот има значајна улога. Секој дел од локалната самоуправа има свое значење, имаме и други функционери во централната власт, што значи дека централната и локалната власт исполнуваат услови заеднички да работат, заеднички да се фокусираат на проектите, заедничките одредуваат приоритетите. Длабока сум убедена дека и листата ќе постигне голем успех дека кандидат за градоначалник ќе победи и дека ние ќе се фокусираме само на остварување на идните проекти, рече Јаневска.

Во однос на едносменската настава во големите централни училишта во Куманово, Јаневска кажа дека е информирана за проблемот, инженерите ги посетиле овие големи училишта, пред сѐ централни и се бараат решенија.

– Бараме решенија како да го надминеме, секако во една година не можеме сè да направиме, но Куманово е еден од приоритетите во кои исто така ќе се потрудиме и на учениците, но и на наставниците да им овозможиме добри услови за работа и едносменска настава најбргу што може, кажа Јаневска.