Mинистерката за образование и наука, Весна Јаневска, во емисијата Анализа на ТВ 24 изјави дека условите за напредување во наставно-научни звања на македонските универзитети ќе се зајакнат со новиот Закон со високо образование кој е во фаза на изработка.
Јаневска посочи дека од наставниот кадар повторно ќе се бара да објавува трудови во списанија со импакт-фактор, а тоа пак, како што изјави, е еден од критериумите кои се вреднуваат при рангирањето на универзитетите на Шангајската листа.
Откако по шарената револуција се промени Владата, беше донесен закон кој драстично ги намали критериумите за напредување во наставно–научните звања и веднаш се почувствува и намалување на интензитетот на научно–истражувачката работа. Се намали бројот на трудови кои се објавуваа во списанија со импакт-фактор и меѓу другото, и тоа придонесе за пад на УКИМ и другите универзитети на Шангајската ранг-листа, изјави Јаневска, посочувајќи дека е во честа комуникација и има поддршка од универзитетските раководства да се зајакнат критериумите за напредување во звања.
Таа информира дека средствата за образование и наука етапно ќе се зголемуваат, а тоа ќе значи и поголема поддршка за организирање и учество на меѓународни научни конференции, за изработка на научни проекти и друго.
Министерката упати апел до универзитетите да бидат проактивни во наоѓањето на партнерски образовни установи за изработка на проекти и искористување на бенефитите кои ги нуди мрежата на европски универзитети.