„Во опасност е целата македонска нација, односно сите македонски граѓани за тоа што ни се случува на образованието. Ако имате некомпетентни луѓе на одредени позиции, ако имате премиер каков што имаме, ќе имате ваква ситуација каква што е во нашата држава. Ако имате министер кој што не знае да води надворешна политика, ќе имате ваква ситуација каква што имаме во нашата држава нападната од повеќе страни, а сега особено од страна на источниот сосед. Ако имате луѓе кои што не знаат да се справат со економски кризи, населението ќе паѓа во сиромаштија. Ако имате луѓе кои што не знаат да се справат со енергетски кризи, тогаш постојано ќе ви расте цената на струјата. Ако имате директори кои што ги поставувате од политичка позиција, а не се компетентни да ги водат институциите тогаш ќе имате нефункционални институции“, истакна Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука при ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.
Јаневска додаде дека се случува и одредени луѓе кои немаат 7 години работено во образование, станува директор во одреден инспекторат. И што граѓаните да очекуваат да се случува во општеството, или пак во образованието.
„Целото општество, целата држава како што вели народот ќе се сруши како кула од карти поради несоодветните политики на оваа Влада“, рече Јаневска.
Таа посочи дека Владата за се и сешто најде пари, ама за учебниците немаше пари, па така учениците наместо книгите да ги добијат на почетокот на учебната година ги добија на крајот од учебната година.
„Денес во Македонија царува корупција, има невладеење на право, и потоа ние се прашуваме покрај толку многу афери кои што се случуваат секојдневно зошто не се постапува по законот“, укажа Јаневска.
Јаневска рече дека меѓународните фактори секој ден укажува дека судскиот систем е нефункционален, дека има енормна корупција и воопшто не се постапива по правото.