Новиот филм на Јани Бојаџи, „Утре наутро“ зборува за настаните од 27 април и последиците од нив. Се работи за политичка драма во чиј фокус се две семејства, едното македонско, на поранешен висок функционер, а другото ромско кое се бори против неправдите што системот ги врши врз нивната ќерка. Иако катализатор на дејствието се постапките на мажите, филмот е посветен на сите жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат своите семејства и заедница, објаснува сценаристот и режисерот, Јани Бојаџи.

„Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година, но во принцип и се занимава со прашањето што потоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носат најчесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства“ вели Јани Бојаџи, сценарист и режисер на филмот „Утре наутро“

Проектот започнал како телевизиска серија, но како што објаснува продуцентот Дејан Милошевски, во текот на снимањето и монтирањето сфатиле дека од целиот материјал може да се направи и игран филм.

„Ние започнавме да снимаме серија во пет продолженија и кога ја завршивме серијата заклучивме дека имаме филм. Така што, освен филмот ќе има и пет долгометражни епизоди по 55 минути“ вели Дејан Милошевски, продуцент на филмот.

Нина Деан и Ирена Илиевска кои ги имаат главните улоги велат дека ова било голем предизвик за нив.

„Тргнав од аспект не политички, туку од аспект на една жена и што и се случува на неа, така го градев ликот и така пристапив без разлика која е, чија жена е, баш се поврзав некако со ликот“ вели Нина Деан, актерка

„Ја играм Аида Мерџановска. Аида е ромка по националност, докторка. За потребите на ликот учевме ромски и се спремавме долго време“ вели Ирена Илиевска, актерка.

Покрај Деан и Илиевска, во филмот настапуваат и Кети Дончевска Илиќ, Васил Зафирчев, Гоце Андонов, Горан Стојаноски, Благој Веселинов, Роберт Вељановски, како и многу други актери во помали улоги, а за прв пат на филм дебитира младата, 17 годишна, Јана Никодиновска. На снимањето беа ангажирани и безмалку 1500 статисти, а се снимаше на десетици локации во Скопје и неговата околина.

Директор на фотографија е Дарио Секуловски, сценограф е Гоце Попов, костимограф Зорица Тодорова, монтажер Давид Дулев. Проектот е во продукција на Синемон медиа фактори и Револшн продакшн во копродукција со Алфа Телевизија.

Премиерата на „Утре наутро“ е закажана за 19-ти ноември во Синплекс, а од 20-ти ќе се прикажува во кината низ цела Македонија. Филмот открива само дел од големата приказна која е целосно прикажана во мини серијата која својата премиера треба да ја има на почетокот на следната година.