Јас не можам да одберам со кого кога ќе се сретнам затоа што можам да се сретнам со било кого само тогаш кога сум на домашно отсуство. Моето домашно отсуство започна точно тој ден кога излезе фотографијата и таа средба тогаш се случи, истакна Гордана Jанкулоска во гостување во емисијата „360 степени“ која се емитува на МРT говорејќи за средбата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Јанкулоска додаде дека немала долg период средба со Мицкоски.
-Да бидам искрена јас без оглед што сум оддалечена од дневно политичките настани и се она што се случува, мојот интерес не е намален. Така што таа средба освен како средба на стари пријатели и на луѓе што се познаваат беше и добра можност да се информирам за некои работи кои што до крај не ми беа јасни, рече таа.
Посочи дека со задоволство ја имала таа средба.
-И средбите и разговорите па и ставовите немам никаков проблем да ги кажам јавно, јас стојам зад тоа што го кажувам. Немам проблем ниту да се видам со некого што го почитувам, ниту да се видам со некого кој што сака да се види со мене, појасни Јанкулоска.
-Партијата односно ВМРО-ДПМНЕ не е еден човек, не е еден тим. Партијата е идеја. И сите ние се идентификуваме со таа идеја. Единството во партијата е многу значајно, и ВМРО-ДПМНЕ има легитимно избрано раководство. И токму тоа раководство кое е легитимно избрано и поддржано на Конгрес преку делегатите и мнозинството членови ја има мојата поддршка, укажа Јанкулоска.
Што се однесува до Груевски, Јанкулоска рече дека последната нејзина комуникација со екс премиерот Никола Груевски кој избега во Унгарија, била една недела пред тој да ја напушти Македонија. Вели дека таа нема проблем да се сретне со било кого, но не знае дали тој би сакал да се сретне со неа.
„Факт е дека тој беше жртва на политички прогон, но тој чекор што го направи, ја промени динамиката, и тој чекор, ни тогаш, ни сега не го одобрувам“, изјави Јанкулоска.
Вели дека на огромно мнозинство во државата им е јасно како резултат на каков судски процес таа е во затвор и издржува казна.
На прашањето колку во затворот се остварува ресоцијализаторската улога, поранешната министерка за внатрешни работи вели дека тоа е сегмент на кој треба многу да се работи. Сепак, односот на вработените и затворската управа кон неа го оценува како коректен и професионален
Во затворот, вели таа, најмногу ѝ недостига семејството, а најтешко ѝ паѓа што е физички одделена од синот.
„Настојувам да го зачувам и физичкото и психичкото здравје. Се занимавам со одредени фитнес вежби и се друго што е потребно во такви супстандардни услови да се остане во колку-толку добра кондиција, во физичка смисла на зборот, меѓутоа, со оглед на тоа што таквата изолација значи целосна отсеченост од надворешниот свет, во овие години прочитав многу книги што никогаш претходно не наоѓав време да ги прочитам. Настојувам да читам стручна литература за да не ја изгубам интелектуалната кондиција. Колку што ми дозволуваат можностите, преку телевизијата, настојувам да ги следам и настаните во Македонија“, вели Јанкулоска.
Таа вели дека условите во затворот се лоши.
„Условите се катастрофални. Тие се навистина под секое достоинствено ниво, каде што човечко суштество би требало да го минува времето, без оглед на тоа кој за што е осуден и колкава казна треба да издржи. Како резултат на неодамнешната посета на министерот за правда во најголемиот затвор ’Идризово’, каде што сум и јас сместена, јавноста имаше можност да види како изгледаат условите. Јас ќе ви кажам дека дел од тие слики беа направени точно во крилото каде што сум јас сместена. Влагата на ѕидовите, условите се подеднакво лоши за сите, иако можеби во одредени делови на затворот е малку попристојно“, вели Јанкулоска.
Таа сподели дека е сместена во релативно мал простор и дека има пристојна комуникација со сите затворенички со кои разговара главно за затворскиот живот. Јанкулоска потврди дека непосредна сосетка ѝ е и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која, пак, е осудена на седум години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување во предметот „Рекет“.
„Видете, ни јас ни таа не сме одбрале каде ќе не сместат, не сместиле таму каде што проценила Управата дека е соодветно за издржување на казната. Имаме пристојна комуникација како и со сите други, на теми и прашања поврзани со нашето секојдневие“, додава таа.
Во затворот се забранети мобилните телефони и интернетот, вели Јанкулоска. Со семејството комуницира преку телефонска говорница за која што вели дека е „заборавен метод во надворешниот свет“. Но, тоа за неа е и единствена можност да се слушне со семејството во текот на денот, а еднаш дневно и домашните имаат право накратко да ја побараат на телефон обезбеден од затворската управа.
Таму најмногу ѝ недостига семејството, а најтешко ѝ паѓа што е физички одделена од синот.
„Во целава оваа ситуација, тоа е најтешкиот дел и тоа не само за мене, затоа што нели, како возрасен човек секогаш се трудите да ја разберете ситуацијата и да најдете некое образложение дури и кога такво не постои. Тој неодамна наполни пет години и целава ситуација е тешко да му се објасни. Практично, тој остана сам – без мајка, само со татко, на две години и три месеци. Јас неодамна првпат имав можност да излезам и тоа е навистина тешко“, вели Јанкулоска и посочува дека сопругот редовно го носел синот на посета, што значи средби трипати месечно од по еден час.
На прашањето колку во затворот се остварува ресоцијализаторската улога, Јанкулоска вели дека тоа е сегмент на кој треба многу да се работи. Сепак, односот на вработените и затворската управа кон неа го оценува како коректен.
„Корупцијата ја има секаде, меѓутоа јас лично не сум била сведок на ситуација каде што од мене се барало или се нудело да се пристапи кон некое коруптивно однесување. Напротив, моето искуство во вработените, со затворската управа е позитивно, во смисла на тоа дека тоа се луѓе што навистина работат во тешки услови, какви што се лоши и недостоинствени за осудените лица, се работна атмосфера и за вработените. Сепак, најголемиот дел од нив се професионалци кои живеат од таа работа“, кажа таа.