Носителот од ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 3 Игор Јанушев, при денешната средба со граѓаните во Виница рече дека на граѓаните им е доста од сите лаги и манипулации на власта и дека сите граѓани заслужуваат посветла и попросперитетна иднина.
Јанушев во своето обраќање порача дека ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да работи за доброто на сите односно се обврзува за повисоки плати од 25 проценти или за 6.500 денари повеќе за сите, повисоки пензии за 20 проценит или повеќе од 3 000 денари повеќе за секој пензионер, како и за намалување на невработеноста под 10 проценти, враќање на рамниот данок и негово намалување на 8 проценти.
Видовме, порача Јанушев, како не треба и дека власта на чело со Заев е неспособна да реализира било каков проект.
– На ова мора да му дојде крајот. Затоа, на овие избори ќе имаме двојна задача – прво да ја поразиме корона пандемијата, и да ја поразиме пандемијата на криминал и корупција, тоа се СДСМ и Заев, истакна Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ, нагласи тој има кадри кои можат и знаат како треба.
– Свесни сме дека само со работа и труд ќе си го вратиме достоинството кое сега ни е погазено повеќе од било кога до сега . 15 јули е датумот кога ќе кажеме крај на оваа погубна епоха за Македонија и на демократски начин ќе ги испратиме во пензија сите погубни политичари, потенцираше тој.
Јанушев ги повика незадоволните, социјално загрозените, работниците, земјоделците, стопанствениците да се приклучат во ВМРО-ДПМНЕ и да ја изберат обновaта.