Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев гостуваше во емисијата „Детектор“ каде што посочи дека ДИК има доставено мислење дека им се потребни минимум 35 до 50-тина дена за да се подготват за избори. Тој смета дека мислењето на ДИК не е е мислење на еден човек таму кој што можеби или можеби не инклинира или симпатизира одредена партија.
– Ова мислење не е мислење направено од еден човек, ова мислење врз основа на сите членови на ДИК кои имаа состанок со претседателот Пендаровски. Впрочем и самово мислење почнува вака – „Согласно заклучокот од нашиот заеднички состанок одржан на 13-ти мај 2020 година, а за потребите на организирање и спроведување..“ продолжува натака, а адресирано е до претседателот на државата, појасни Јанушев.
Јанушев додаде дека сите од ДИК без разлика кој од која партија е предложен биле кај претседателот на државата, разговарале и заклучиле дека им се потребни 35 до 50-тина дена за да се подготват за избори.
-Ме радува што од СДСМ се вразумуваат и ги прифатија нашите барања дека со глава во ѕид, со уцени, со поставување на ултиматуми не се постигнува ништо и навистина ми е драго што ретерираат од првичните ставови бидејќи од првиот момент кога заврши лидерската средба она што ние како ВМРО-ДПМНЕ го соопштивме на јавноста беше дека очекуваме дека сепак ќе се најде начин да се седне и консензуално да се договори датумот за кога ќе се оддржат изборите, потенцираше Јанушев.
Запрашан дали очекува Комисијата за заразни болести да даде појасен став кога може да биде безбедно да се одржат изборите, тој рече дека очекува Комисијата конечно да даде некој став во однос на ова прашање.
-Од една страна Комисијата не уверува на некој начин дека е добро да одиме на избори, од друга страна после првата лидерска средба препорача нова вонредна состојба, рече Јанушев.