Во моментите кога пандемијата со коронавирусот се шири низ нашата држава мора одговорно и совесно да се однесуваме спрема своето здравје, а така ќе се однесуваме одговорно и спрема здравјето на своите блиски, но и кон самото општество, порача денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Јанушев.

Во продолжение неговото обраќање како и на Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

– Препораките се дека најдобриот начин за справување со вирусот е одбегнување на чести контакти со други луѓе, односно самоизолација. На овој начин, освен што го штитиме своето и здравјето на нашите најблиски, го спречуваме и шокот врз здравствениот систем од преголем број на пациенти на кои им е потребна нега и третман одеднаш. Од секој од нас зависи. Придржувајте се до препораките на епидемиолозите, ако морате да излезете – маска на лице, ракавици на раце и најважно, одговорно и мудро, затоа што секој живот вреди, се вели во пораката од Јанушев.

Николов во своето обраќањето како лекар порачува:

– Како доктор во овие моменти можам да посочам дека потребна е дисциплина во однесувањето и придржување до препораките на здравствените организации и здравствените лица. Јас и моите колеги на дневна основа даваме максимумот во превенција и заштита на здравјето на граѓаните. Тоа го прават и другите луѓе од службите кои се на терен и ги обезбедуваат спроведувањето на пропишаните мерки и протоколи. Хигиената е многу важна, исто како и внимателноста во начинот на комуникација со другите луѓе и со блиските. Помогнете ни, за да можеме да помагаме на сите, заради тоа што секој живот вреди! Останете дома, останете безбедни, ќе го пребродиме ова како нација, солидарни и сплотен, порача Николов.