Игор ЈАНУШЕВ
Почитуван г-дине Николовски, зошто вие и вашиот т.н. економски совет ги лажете граѓаните на Република Македонија?
Со кое лице г-дине Николовски, вие и вашиот т.н. економски совет им се обраќате на граѓаните за да им кажете што правите за нив во овие тешки времиња?
Ви ги поставувам овие прашања затоа што додека вие пробувате да ја замаете јавноста со реализација на некаква помош, фактите говорат дека во време на здравствена и економска криза вие реализирате нешто друго:
–Град Скопје му даде тендер на Кочо Анѓушев од 2 милиони евра.
–Фирмите “Брако” и “Кастинвест” на Анѓушев се на листата на фирми кои брутално ги кршат работничките права во оваа кризна ситуација, додека профитот на фирмите на Анѓушев откако СДСМ е на власт достигнува дури 143% вртоглав раст.
–Невладина организација на министерката за финансии Нина Ангеловска среде епидемијата добила пари од Фондот за иновации и тоа за ископирана дигитална платформа од Србија.
–Првата странска инвестиција во охридско – струшкиот регион, “ОДВ Електрик“ со повеќе од 450 вработени, беше принудно затворена поради вработен кој бил заболен од корона вирусот. Менаџментот се жали на пад на производството многу повеќе од очекуваното.
–“Кромберг и Шуберт” во Битола во наредниот период ќе работи со минимален капацитет. Поголемиот дел од работниците се пуштени дома и тие во моментов ги користат преостанатите денови од одморот.
–Фирмата „Алпима градба тим“ ДООЕЛ Струмица, блиска со Заев и СДСМ, како единствен понудувач во четири очи доби тендер од ЈП Дрисла и Шилегов во висина од над 200.000 евра.
Но, реалноста за граѓаните е поинаква и необјасниво тешка.
Квази мерките на владата воопшто не му помагаат на бизнисот. Половина од вработените во секторот угостителство кој брои 33.000 лица привремено се без работа.
Мерките се скроени во вид на кредити, и не се поволни за компаниите. Голем број на фирми иако книжат загуби заради неповолните услови не аплицирале за мерките, затоа што парите ќе треба да ги вратат како да земале кредит.
Нина Ангеловска дозволи такви кредити, но и кредити со 30% грант да можат да земаат и компании кои имаат отпуштено работници, директно стимулирајќи бркање од работа и оставање на илјадници вработени без леб на улица.
Дека немаат компас се гледа и од фактот што буџетската дупка за првите 4 месеци од годината е 200 милиони евра, пари кои за да се покрие загубата ќе мора да се набават со кредитирање.
Големата буџетска дупка е заради лошото менаџирање со кризата, таа до крајот на годината се заканува да достигне над 1.3 милијарди евра, пари кои ќе ги земеме со кредити само за да ја покриеме дупката.
Престанете да ги залажувате граѓаните! Тоа никому нема да донесе ништо добро. Излезете од вашата розева реалност во која има пари само за грст луѓе блиски до власта. Надвор од вашата замислена реалост има илјадници луѓе кои остануваат без работа, со неизвесни приходи и неподмирени долгови.
На вашите лаги им доаѓа крајот.
На избори граѓаните ќе ви ја кажат вистината.