Јапонија утре околу 16 часот ќе се обиде да изврши тежок вселенски маневар и за прв пат да слета на површината на Месечината.
Досега во тоа успеале само четири земји: САД, Кина, поранешниот Советски Сојуз и Индија. Тоа е многу ризичен потфат. Во август минатата година, Индија стана четвртата земја која успешно изврши меко или контролирано слетување на Месечината, откако Русија не успеа да го стори тоа во истиот месец.
Минатата недела леталото Peregrine (соработка помеѓу приватна американска компанија и НАСА) се откажа од таа идеја. Ако успееше, тоа ќе беше првата американска мисија што слетала на Месечината од 1972 година, односно од ерата на програмата Аполо. Лани на Месечината се урна лунарниот лендер Хакуто-Р на јапонската компанија Испејс.
Значи, доколку јапонскиот лендер SLIM успешно слета на површината на нашиот природен сателит, тоа ќе биде третата земја која постигнала таков успех во 21 век, а петта што ќе спроведе таканаречено меко слетување на Месечината во историјата на човештвото.
Кога кинеското вселенско летало Chang’e 3 слета на Месечината во 2013 година, тоа беше првото меко слетување на нашиот природен сателит по советскиот Луна 24 во 1976 година. Мекото слетување на Месечината значи контролирано спуштање на вселенско летало на површината без значително оштетување на леталото и/или неговите научни инструменти.
Грубо слетување се однесува на спуштање на земја што резултира со значителна штета на леталото, а често и до губење на контакт. Овој тип на слетување може да биде намерно или планирано, но може да биде и неуспешен обид за меко слетување.
„Мислам дека имаме 20 минути ужас и во периодот од забавување до слетување на површината на Месечината, ќе заборавиме да дишеме“, рече Кенџи Кушики од проектот SLIM, како што пренесува Си-Ен-Ен.
Малиот истражувачки лендер е дизајниран да демонстрира високопрецизно слетување на сонди кои се евтини и лесни. Јапонската вселенска агенција (JAXA) се надева дека оваа нова технологија ќе овозможи слетување на опасен, карпест терен.
SLIM ќе се обиде да слета во област која се протега само на 100 метри. За споредба, зоната за слетување на Перегрин се протегала неколку километри. Доколку SLIM ја пропушти можноста да ја „допре“ Месечината утре, ќе се обиде повторно на 16 февруари.
Во случај на успешно слетување, SLIM ќе ја проучува површината јужно од Морето на тишината за краток период. Неговата цел е локација во близина на мал ударен кратер во рамнината позната како Море на Нектар, за која се верува дека е формирана од древна вулканска активност. Таму ќе го истражат составот на карпите, што би можело да ни помогне подобро да го разбереме формирањето и развојот на Месечината.