Јапонската влада донесе нови правила за да ја ограничи практиката на давање на децата таканаречени имиња „киракира“ – необични, честопати фонетски измислени имиња како што се „Пикачу“, „Најк“ или „Пудинг“, кои станаа популарни меѓу родителите во последните децении.
Новите правила, кои стапија на сила во понеделник, предвидуваат дека имињата мора да бидат изговорливи и фонетски конзистентни со вообичаените начини на читање на „канџи знаци“ (Јапонците имаат три писма: канџи – знаци преземени од кинеското писмо каде што знакот обично претставува збор, хирагана – 46 знаци каде што секој претставува слог и катакана – 46 знаци – слогови за пишување странски имиња и странски имиња), пишува Си-Ен-Ен.
Локалните власти сега можат да одбијат име ако фонетскиот изговор не се совпаѓа со стандардниот изговор на знаците. „Киракира“ значи „брилијантен“ или „пенлив“ на јапонски, а овој тренд на именување стана забележлив од 1980-тите, со цел да се изрази индивидуалност, истакнува Си-Ен-Ен.
Сепак, јапонскиот систем на пишување, кој користи канџи знаци со повеќе можни читања, го отежнува правилното изговарање на овие имиња, што создава проблеми во администрацијата, училиштата и здравствениот систем.
Одлуката ја подели јавноста – некои веруваат дека необичните имиња се форма на лична слобода за родителите, други предупредуваат дека децата со такви имиња може да бидат изложени на исмејување и институционални компликации.
Во иднина, родителите ќе мора да поднесат фонетско читање заедно со регистрацијата на името, а општините имаат право да бараат промени или дополнителна документација ако името отстапува од стандардниот изговор.
Слично на Јапонија, и други земји ги регулираат имињата. Во Германија, имињата што би можеле да бидат штетни за благосостојбата на детето се одбиваат, додека Нов Зеланд забранува имиња со титули како „Крал“ или „Принц“.