Тестирањето на морската вода во близина на нуклеарната централа Фукушима не откри зголемена радиоактивност, соопшти денеска Министерството за животна средина на Јапонија, откако властите на земјата одобрија испуштање во морето на пречистена радиоактивна вода што се користела за ладење на реакторот во Фукушима.
Испуштањето на пречистената вода од нуклеарната централа Фукушима започна во четвртокот, што предизвика протести во Јапонија и во соседните земји, особено во Кина, која одлучи да го забрани увозот на риба и морски плодови од Јапонија.
Властите во Јапонија и научните организации тврдат дека водата што се испушта во Тихиот Океан по филтрирањето е безбедна и дека од неа се отстранети повеќето радиоактивни елементи освен тритиум, радиоактивен изотоп на водород.