Претседателот на Јужноафриканската Република, Сирил Рамафоса, во обид да го намали притисокот врз болниците најави дека од денеска повторно ќе воведе забрана за продажба на алкохол и ноќен полициски час, бидејќи рапидно расте бројот на заразени со коронавирусот.

Рамафоса објасни дека земјата не може да си дозволи болниците и клиниките да бидат преоптоварени со повредени лица од ситуации со алкохол што може да се избегнат.

-Ова е борба за да се спаси секој живот и мора да го спасиме секој кревет. Бурата со коронавирусот е далеку посурова и подеструктивна отколку што знаеме, посочи тој.

Рамафоса рече дека сегашните проекции покажуваат дека различни провинции ќе го достигнат врвот на инфекцијата меѓу крајот на јули и крајот на септември, пренесуваат британските медиуми.

Ноќниот полициски час ќе биде во сила од денеска и ќе трае од 21 часот до 4 часот наутро. Тој нема да се однесува на лицата кои одат на ноќна работа или се враќаат од неа, ниту на лицата кои имаат потреба од медицинска помош.

Исто така ќе бидат заострени и правилата за носење заштитни маски, но третото ниво од системот за предупредување на  коронавирусот, на скалата од пет нивоа, ќе остане на сила. И натаму ќе бидат забранети семејните посети и социјалните активности.

Министерството за здравство на ЈАР денеска пријави уште 12.058 случаи на коронавирус, со што вкупниот број заразени е на 276.224.  Досега од Ковид-19 умреле 4.079 лица.