Популарната јужноафриканска песна за танц „Пата, пата” од 1967 година, е преработена, но сега со друг текст. Овојпат, целта е пренесување на информациите за новиот коронавирус до ранливите заедници во земјата, пред сѐ – до децата, но и до возрасните.
Песната ќе биде пуштана на 15 радиостаници ширум ЈАР.
– Песната звучи доста едноставно, а во овој миг сѐ уште е тешко да се проследат информации до луѓето во оддалечените области или до оние кои немаат интернет. Радиото тоа го прави цело време, изјави претставникот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер.
На хоса јазикот, насловот значи „Допри, допри”. Новата верзија на песната пак, ги содржи стиховите „Рацете мора да ни бидат чисти, нема ’пата пата‘. Не допирај го лицето, држи растојание и, те молам – без пата пата“.