Ова е една власт, една Влада која што упорно работи на промоција на неодговорност и на неказнивост, истакна Тони Јаревски, пратеник во гостување во „Топ тема“ на Телма телевизија.

Јаревски запраша како Ковачевски може да каже за предлог законот за амнестија доколку нешто опфаќа што не треба, нема да го поддржат во Собрание. Па што дискутирале на владина седница пред законот за амнестија да се достави во Собрание.

„Како може да ни каже премиерот доколку е тоа опфатено, ние нема да го поддржиме. Да, треба да го видиме се сложувам, но што правеле на Влада? Како можеме да имаме таква рашомонијада од такви изјави за волку сериозна тема“, праша пратеникот.

„Околу 280 лица се опфатени со оваа амнестија и да се каже дека причината е дека сакале да ги растеретат затворите, каде што знаеме дека најмалку 2.000 чекаат за да влезат за издржување на санкциите, тогаш е несериозно“, рече пратеникот.

Тој нагласи дека законот за амнестија е неприфатлив за ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој закон е апсолутно неприфатлив за нас. Укажа и претседателот јасно дека доколку се појави со европско знаменце ќе напуштиме. Доколку не биде со европско знаменце ќе ги искористиме сите можни инструменти и алатки кои што ги имаме на располагање да го спречиме ваквиот закон доколку се опфатени тие дела“, појасни Јаревски.

Тој додаде дека од власта се изнагледавме само хаос, од газењето врз процедурите, врз Деловникот, врз законите, па дури и врз Уставот.

„Ние бевме сведоци каде што и буквално и функцијата на претседател на Собранието беше узурпирана во многу случаеви. Каде што навистина беше изиграна волјата на граѓаните за издржана дебата, каде што се протнуваа премногу закони со европско знаменце, каде што имавме дури и реакции и од меѓународната заедница. А, сето тоа беше занемарувано од страна на власта“, потсети пратеникот.

Тој посочи дека добро да се има еден документ, еден инструмент кој што ќе може тие појави да ги анулира во иднина.

„Да почекаме да стигне Деловникот, па да го разгледаме, има власта такво искуство и да едно испраќа до ДКСК, а друго оди до Собранието. Се надевам дека овој пат истото нема да се случи“, рече Јаревски.

„Она што како информација го имам конкретно за пратенички прашања и што се радувам е што конечно онаа мерка што власта често ја злоупотребува кај што се доставуваат писмени прашања, а тие беа 20, па 30, а следната седница беа 50, и практично првото прашање опозиционо кога ќе дојде на говорница поминало негде во доцните попладневни часови, и мислам дека сега се изземени. И дека ќе одат на посебен дел и мислам дека ќе бидат ограничени и дискусиите по самото поставување на пратенички прашања“, појасни Јаревски.