Министерството за економија соопшти дека денеска се затвара јавниот повик за субвенции за вградување на уред на погон на течен гас (ТНГ), метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата.
Според јавниот повик кој беше објавен на 7 јуни, сите граѓани кои што ќе вградат ваков вид уреди во своите возила ќе можат да остварат право на поврат од 50 проценти од средствата за вградување на плински уред, но не повеќе од 18.000 денари односно 300 евра.
За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму, треба да извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на Јавниот повик, во некој од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.
Јавниот повик беше предвидено да трае 60 дена од денот на објавување. Од објавување на јавниот повик заклучно со денешниот ден се пристигнати 670 барања, а во Буџетот на Министерството за економија за реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 11.000.000 денари за околу 610 апликанти.