ВМРО-ДПМНЕ објави Јавен повик за пријавување на кандидатура до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија за Претседателските избор 2019 година.

Јавниот повик го пренесуваме во целост: 

Согласно Одлуката на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесена на 22.12.2018 година, а врз основа на член 17 точка е) од Статутот на ВМРО-ДПМНЕ се објавува Јавен повик за пријавување на кандидатура до Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија за Претседателските избор 2019 година.

Кандидатите кои ги исполнуваат законски предвидените услови за кандидат за Претседател на Република Македонија треба да поднесат индивидуално писмо за изјавување на интерес за кандидирање на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија.

Документите треба да се достават во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ (Плоштад ВМРО бр.1, Палата д-р. Христо Татарчев) во Скопје, Република Македонија, најдоцна до 31.01.2019 година (четврток) до 18:00 часот.

На Конвенцијата, кандидатите кои ги исполнуваат законски предвидените услови за кандидат за Претседател на Република Македонија, ќе имаат еднакво право да се претстават на говорница, презентирајќи ги сопствените програми за настап на Претседателските избори 2019 година.

На Конвенцијата согласно Одлуката на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ учествуваат 550 делегати.

За да може полноважно да работи и одлучува, на Конвенцијата треба да присуствуваат најмалку една половина од вкупниот број на делегати.

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија се избира со тајно гласање.

За избран кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Претседател на Република Македонија се смета кандидатот кој добил најмногу гласови од сите кандидати, но не помалку од 1/3 од вкупниот број на делегати.

Доколку ниту еден од кандидатите не го добил потребниот број гласови од претходниот став или кандидатите добиле ист број гласови, гласањето се повторува.

Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови во првото гласање.