Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави вториот јавен повик за доставување понуди за интерес за купување на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерија и помошни објекти во функција на оранжеријата, односно на стопанскиот двор во функција на оранжеријата.
Право на учество на јавниот повик имаат физички лица и правни лица кои во катастарот на недвижности се запишани како сопственици на оранжеријата и помошните објекти кои се во функција на оранжеријата, односно на објектите во стопанскиот двор.
Со овој јавен повик сопствениците на оранжерии ќе имаат можност да го купат земјиштето на кое се наоѓа оранжеријата, а кое во моментов е во државна сопственост. Со стекнувањето на имотни листови, сопствениците на оранжерии ќе имаат можност за нови инвестиции во објектите, за подигнување на кредити за реновирање и модернизација на објектите, но и ќе остварат право за аплицирање за мерките од европската ИПАРД програма. Можноста која што им се отвора за нови инвестиции крајно ќе влијае врз обемот и квалитетот на производството, информираат од МЗШВ.
Рокот за поднесување на понуди за интерес за купување на земјоделско земјиште во државна сопственост под оранжерија и помошните објекти во функција на оранжеријата, односно на стопанскиот двор во функција на оранжеријата е во времетраење од 60 дена сметано од денот на објавувањето на јавниот повик во дневните весници, а се доставуваат до писарницата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Скопје. Конкретно рокот за поднесување на понудите е до 27-ми декември.
МЗШВ укажува сите заинтересирани да достават комплетна документација и да го запазат рокот за доставување, со цел побрзо да се склучат договорите.
Линк до јавниот повик: http://www.mzsv.gov.mk/Events.