По насилството што се случи на вчерашната седница на Советот на Општина Кочани, и инцидентот кој стана вирален на социјалните мрежи, со свое јавно обраќање се огласи советникот од коалицијата на СДСМ, Аки Акимов. Советникот на двајцата Венковци, на в.д. Крстевски и на Заевиот чувар на тронот Филипче, притоа не заборави да каже Северна Македонија во обраќањето. Кажа и што не бил, што ќе оставиме самиот да го појасни во изјавата, пишува Курир.
Очекувано, тој негира дека бил главниот виновник за нарушувањето на угледот на институцијата. Небаре, друг фрлаше со флаша и сакаше физички да се пресмета, не тој, никако. Познавачите очекуваа да каже и дека некоја невидлива сила ја движела неговата рака кога замавна со стаклена флаша кон групата сограѓани и повреди семејна жена, правник во општината. Сепак, не, тој е невин, веројатно како солза, виновни биле ВМРО-ДПМНЕ, кои секогаш и за се за СДСМ се „криви“ во државата, па и надвор од неа.
„Правото на говор на советниците е непречено право по деловник за работа на советите во општините во РС Македонија… Чашата беше прелеана од советникот Алексов кој што го испровоцира целиот настан својствено за него. Јас не калкулирам со мојот авторитет и рејтинг. Јас не сум гомнар, јас сум борец за правда.“, напиша тој.
Кој е Аки Акимов, потсетија медиумите:
-Аки е советник во Општина Кочани од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР), коалиционен партнер на СДСМ. Тој бил вработен како раководител на Одделението за јавна чистота во КЈП „Водовод“ – Кочани, каде „активно бил вклучен во сите проекти кои ја засегаат ромската заедница“.
Па, ајде да ги видиме тие проекти.
Неговата медиумска кариера почнува пред околу три години, кога почнува да се жали дека по промената на власта трпел мобинг од страна на директорот на „Водовод“ и на градоначалникот на Кочани, и се наоѓал во тешка состојба поради претрпена психичка и физичка болка.
-Мобингот е специјален начин на вршење притисок врз вработените, така што во овој случај постои вертикален мобинг од градоначалникот и директорот на ЈКП „Водовод“ врз Аки Акиов. Целта на мобингот е веќе постигната, тој се наоѓа во исклучително тешка здравствена состојба. Хоспитализиран е во ЈЗУ Општа болница Кочани, каде што прима терапија. При вршењето на мобингот се запазени сите фази, така што денеска тој се судрува со опасност по животот, ќе рече тогаш Аксел Ахмедовски, претседател на ПДПР.
Во јавноста ќе се прошират и снимки од болничкиот кревет на Аки, опкружен со неговите загрижени сопартијци.
Тие ќе се жалат дека „поради почитувањето на ставовите на нашата партија и поради непочитувањето на политиките на мнозинството му се одземени овластувањата од работна позиција Раководител во ЈП водовод без никакво образложение.“
Арно ама, образложението стигнува веднаш од „Водовод“, од каде ќе потврдат дека Акиов не е деградиран, туку не е раководител во претпријатието заради неквалитетно извршување на работните обврски.
Тие најавуваа тужби, кои секако, не се случија.
Како психички нестабилен човек после го предлагаат на одговорна функција како раководител на јавно претпријатие или советник во Општина, не објаснија.
Откако не му успеа претходната улога на жртва, Акиов следно се жалеше дека од „Водовод“ му го одбиле барањето да добие користење на годишен одмор.
Од „Водовод“ тогаш ќе известат дека Акиов во последните десет месеци користел боледување од дури седум месеци, како и еден месец одмор.
За да остане интересен, во 2023 година Акиов ќе рече дека лица кои добивале тендери, му носеле пари во вреќи дома на градоначалникот Љупчо Папазов. Само неколку часа по заканата за тужба, тој јавно му се извини на Папазов.