Македонскиот јазик, литература и култура имаат нови поддржувачи и афирматори низ светот – нови генерации посветеници на македонистиката.
На јубилејната 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто се одржува во Охрид, и тие, како и низа истакнати странски универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, веќе искажаа не само решеност за продлабочено познавање и проучување на македонистиката, туку и подготвеност да остварат сопствен влог во афирмирањето на македонската научна мисла и македонскиот збор низ светот, преку конкретни остварувања.
Како што соопштија од Меѓународниот семинар, летната школа на којашто учествуваат шеесетина семинаристи од седмумнаесет држави, се одвива успешно, а посебно значаен е интересот којшто таа го предизвикува кај новите, млади кадри од странските универзитети, кои се една од гаранциите за натамошните перспективи на македонистиката во меѓународни рамки. Само оваа недела, на Школата, од страна на еминентни истражувачи од УКИМ беа одржани шест интерактивни предавања за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, беа промовирани три значајни монографски публикации и беа одбележани два значајни јубилеја – 70 години од раѓањето на Горан Стефановски и 150 години од раѓањето на Гоце Делчев. Секојдневно се одвива и лекторска настава од по четири часа дневно, при што веќе се користат новите изданија на учебниците по македонски јазик, литература и култура за странци коишто МСМЈЛК при УКИМ ги објави неодамна. Семинаристите имаа можност да посетуваат и преведувачка работилница и курс по народни ора. Тие искажуваат воодушевеност од програмата на Школата, којашто веќе се потврдува дека им овозможува нови видици и дека ги поттикнува на нови истражувачки потфати за македонистиката.
Одбележувањето на јубилејот 70 години од раѓањето на Горан Стефановски започна со предавање на проф. д-р Наташа Аврамовска, за локалното и универзалното во неговиот драмски свет, а по анализата на делови од драмското творештво во рамките на лекторската настава, дел од семинаристите имаа можност и за ексклузивен разговор со режисерот Слободан Унковски, посветен токму на опусот на Стефановски.
-Треба да се одговори на прашањето ’Кој сум јас?’ за да може да се влезе во творештвото на Горан Стефановски.. …Тој ги препознаваше проблемите и ситуациите пред да настанат, додека останатите не бевме ни свесни дека тие лебдат и дека повторно ќе се појават, истакна меѓу другото Унковски во разговорот, одговарајќи на прашања поставени од семинаристите.
Во разговорот беа опфатени и детали за соработката на двоецот Стефановски-Унковски, за поставувањето на драмските текстови на сцените ширум Европа и за рецепцијата на драмите на Стефановски.
-Горан го преведе нашето битие, нè преведе нас, нè артикулираше… Неговите драми се доказ за нашето постоење… …Секоја генерација ќе си најде свои интереси, текстови и теми во опусот на Горан Стефановски, посочи меѓу другото Унковски.
Ваквото одбележување беше и надоврзување на одбележувањето на јубилејот во рамките на Втората зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ.
Сто и педесет години од раѓањето на Гоце Делчев беа одбележани со предавање на проф. д-р Славчо Ковилоски за Делчев како културна икона. Преку дискусија со семинаристите во којашто беа споредени различните културолошки искуства од различни земји се дојде до заклучок за уникатноста и посебноста на рецепцијата на Делчев во македонската културна средина, во споредба со рецепцијата и односот кон централните историски фигури за други земји од Европа.
Оваа недела, на Школата беа одржани предавања и за: фонетско-фонолошките предизвици при усвојувањето на македонскиот јазик како странски од страна на проф. д-р Искра Пановска-Димкова, потоа разговори со истакнати македонски културни дејци, како телевизиски и издавачки проект од страна на проф. д-р Кристина Николовска, имињата и фразеологијата од страна на проф. д-р Катерина Велјановска и за македонски лингвокултуролошки материјал (дијахронија и синхронија), од проф. д-р Марија Паунова. Сите предавања се достапни и преку видезапис на каналот на МСМЈЛК при УКИМ на ЈуТјуб.
Голем интерес кај семинаристите предизвикаа и промоциите на значајните монографски публикации „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ и „Охридски раскажувачи“ приредени од проф. д-р Димитар Пандев и поетот и книжевен критичар Славе Ѓорѓо Димоски, како и „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од академик Ала Шешкен.
На промоцијата на монографските публикации приредени од Пандев и Димоски се обрати и м-р Перчо Божиновски, советник во Советот на Општина Охрид, а беше претставено и Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), по повод 75 години од неговото формирање, со излагање на претседателот на ДПМ, Христо Петрески.
Промотори на публикациите беа доц. д-р Бобан Карапејовски и асс. м-р Иван Антоновски, коишто детално осврнувајќи се на содржината на двете публикации, на семинаристите им овозможија увид во содржината и информации за значајноста на овие публикации, коишто се продолжение на истражувачко-издавачки проект којшто Пандев и Димоски го започнаа пред неколку години, при што изданијата од проектот, веќе и редовно се промовираат на школите на МСМЈЛК при УКИМ. „Книга за светите браќа Кирил и Методиј“ и „Охридски раскажувачи“ предизвикаа интерес кај странските македонисти, коишто со поддршка од Општина Охрид добија и примерок од публикациите.
Книгата „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од академик Ала Шешкен ја промовираше проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Како што беше истакнато на промоцијата, најновата книга на академик Шешкен е важен прилог за македонката книжевна историја. Во изминатава деценија, Шешкен оствари голем влог во истражувањето на современата македонска книжевност, при што по книжевните истории приредени од автори од нашата земја, нејзините публикации се најобемните во коишто во изминатава деценија историографски се анализираат и вреднуваат македонските книжевни остварувања во минатиот и досегашниот период од овој век.
Голем број семинаристи искажаа интерес и за преведувачката работилница којашто ја водеше проф. д-р Лидија Танушевска, на којашто имаа можност да се запознаат и со специфични македонски преведувачки искуства, а заинтересираните за фолклорот, во текот на изминатава работна недела го следеа и курсот по народни ора којшто го водеше Сашко Јованоски.
Вчера, семинаристите го посетија и Вевчани. Во рамките на посетата, со поддршка од Општината Вевчани имаа можност да ги запознаат природните убавини и да дознаат повеќе факти и легенди за Вевчани.
Инаку, на јубилејната, 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република. Бројноста на учесниците и на земјите од коишто тие доаѓаат е показател дека расте интересот за Летната школа, но и дека расте интересот за изучување на македонскиот јазик, литература и култура во светот. Покрај учесници од земји на чии универзитетски центри веќе има македонистика, на Школата има учесници и од земји кои може во иднина да станат нови универзитетски центри каде што ќе се изучува македонскиот јазик, литература и култура како Австрија, Германија и Италија. Радува што по 2-3 години се враќаат и семинаристите од Романија, што се зголемува бројот на заинтересирани за изучување на македонскиот јазик од Грција, но доаѓањето на учесници од два други континента т.е. од американското и азиското копно – учеството на семинаристи од САД и Јужна Кореја покажува дека се враќа интересот за изучувањето на македонскиот јазик и таму.
Со бројни активности, Школата продолжува и следната недела, сè до 2 септември. Потоа, на 4 и 5 септември, во Охрид ќе се одржи и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ. На Конференцијата, акцент ќе биде ставен на „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески по повод 70 години од нејзиното објавување и на творештвото на Васил Иљоски и Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски, посочуваат во соопштението од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.