Заканата од руски напади врз германски цели останува реална и постои ризик Германија да се најде во насилен конфликт со Русија, изјави шефот на германското надворешно разузнавање Мартин Јегер на сослушување во Бундестагот, цитиран од британските медиуми.

Јегер како пример за тврдењето го наведе обидот за напад со дрон на аеродромот во Лајпциг. За време на овој инцидент, на 4 август, беспилотно летало со експлозив беше пронајдено покрај украински товарен авион на аеродромот Лајпциг/Хале. На 1 септември, германската влада ја обвини Русија за инцидентот и нареди затворање на последниот руски генерален конзулат и културен центар во Берлин.

Руската влада ги отфрли обвинувањата како неосновани и ја обвини Германија за фалсификување докази.

Од инвазијата на Украина во 2022 година, западните земји сè повеќе ја обвинуваат Русија за хибридна војна, што вклучува дезинформациски кампањи и напади.

„Во моментов, ниедна друга земја не претставува толку директна, сеопфатна и конкретна закана за Германија“, рече Јегер.

Шефот на Федералната канцеларија за заштита на уставот (BfV), Синан Селен, исто така се согласи со него, отфрлајќи ја тезата дека руски напад се очекува само за неколку години.

„Нападнати сме сега, а не во 2029 година“, рече тој.

Селен додаде дека, иако безбедносните служби веќе спречиле некои напади, „ситуацијата продолжува да се влошува“.

Главниот инспектор на германските вооружени сили, Карстен Бројер, уште пролетва изјави дека Русија наскоро би можела воено да го предизвика НАТО. Според него, Москва би можела да биде подготвена да ја тестира Алијансата најдоцна до 2029 година.

„Различни индикатори – вооружување, зголемување на персоналот, економски и политички развој – водат до една точка: 2029 година. Може ли тоа да се случи порано? Да“, изјави Бројер за „Зидојче цајтунг“.

Фото: Архива