Хусите во Јемен прогласија вонредна состојба со цел борба против епидемијата на колера, која е распространета во подрачјата што тие ги држат под контрола, јави агенцијата Анадолија.
Новинската агенција „Саба“, која е поврзана со Хусите, јави дека Таха ел Мутевекил, кој ја врши функцијата министер за здравство во формираната Влада, соопштил оти е прогласена вонредна состојба, со цел борба против епидемијата на колера во подрачјата што ги држат под контрола.
Во саботата Хусите донесоа одлука за затворање на кантините во сите училишта во Сана, со цел борба против колерата, потсетува Анадолија.
Според соопштение на Герт Капелаере, директор на УНИЦЕФ за Средниот Исток и Северна Африка, и Ахмед ел Манзури, директор за Источен Медитеран на Светската здравствена организација (СЗО), од почетокот на 2019 година досега забележан е голем раст на случаите на колера во Јемен, каде што заклучно со 17 март биле регистрирани 109.000 болни, од кои 190 лица го загубија својот живот.
Според ОН, во Јемен, земјата во која се случува една од најголемите хуманитарни кризи во светот, има над 22 милиони лица на кои итно им е неопходна хуманитарна помош и заштита.