Во текот на вчерашниот ден од страна на МВР до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција доставено е известување, а по претходно собрани одредени податоци од страна на УЈП за кривично дело даночно затајување, за делото измама, односно даночна измама и за перење пари. Јавното обвинителство веднаш постапи, оформи предмет и до судот достави барање за издавање наредби за претрес во одредени градови и во одредени фирми и домови. Со тоа што беше успешна акцијата, се прибавија одредени материјални докази и одредени компјутерски материјали, изјави вечерва во гостување на МТВ државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Прашан дали имаат доволно докази за да се покрене обвинение, Коцевски појасни дека засега е многу рано и додаде оти се работи за предистражна постапка.
– Во моментов само што ме известија, сослушани се три лица пред јавниот обвинител, со тоа што за едно лице е предложено мерки за претпазливост, за одземање на патната исправа и за јавување во судот, односно друг државен орган во одреден период. И се надеваме дека судот ќе го уважи нашето барање, потенцира Коцевски.