Весникот Вечер, ден по изгласаната интерпеација на ЈО Коцевски во Собранието на РМ, објави интервју со главниот обвинтел во нашата земја. Пренесуваме сегмент од интервјуто, а целиот разговор прочитајте го преку следниот линк.
Обвинителе, Македонија гори и политички, но и буквално, изгореа стотици хектари шума ама и се палат депонии кои дополнително прават екоцид врз граѓаните. Дали Обвинителството има индиции за она што министерот за полиција го наметна како сомневање – дека зад пожарите стојат организирани структури, а за подметнување шумски пожари секојдневно обвинуваа од ДЗС. Наспроти ова, казнивост за шумски пожари речиси и да нема?
Би почнал со последниот дел од Вашето прашање и не би се согласил дека нема казнивост за намерно предизвикување шумски пожар. Јавното обвинителство кривично го гони секое лице кое е идентификувано од органите надлежни за откривање и за кое се обезбедени докази дека намерно предизвикал пожар. Сепак, точно е дека идентификацијата на овие сторители не е лесна, особено кога пожарите се предизвикани во ненаселени подрачја, каде фреквенцијата на луѓе е мала и нема камери или други средства за надзор кои можат да помогнат во откривањето. Меѓутоа, и тука имаме одреден напредок, во смисла на средства и дејства кои им стојат на располагање на надлежните органи, така што бројот на вакви предмети се зголемува. Исто така, тенденција на кривичното законодавство е постојано зголемување на санкциите и на казнената политика за кривични дела со кои се загрозува животната средина. Затоа би ги предупредил сите кои имаат намера да се впуштат во вакви дејства со кои ги доведуваат во опасност не само екосистемот туку и животите и имотот на луѓето, дека ќе се соочат со најстроги казни. Главниот проблем е што колкави и да се казните, нема да можеме да ја надоместиме штетата која непоправливо се нанесува. Затоа, кога станува збор за пожарите, клучна е и превенцијата и јакнењето на свеста кај граѓаните за одговорен однос кон животната средина.
Скопската градоначалничка ви донесе на увид документација за фантомски градби во Чаир кои се реализирале со амин на градоначалникот. До каде е истрагата?
Врз основа на документацијата доставена од градоначалничката на Скопје, согласно со индициите, оформени се два предмета – едниот е во ОЈО Скопје, а другиот во Обвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција. И во двата предмета се постапува интензивно и се издадени детални наредби до Управата за финансиска полиција и до МВР за проверките што треба да ги направат. Не би можел да навлегувам во повеќе детали за конкретните дејства за да не ги загрозам предистражните постапки, но ќе се преземе сè што е потребно за да се истражат наводите во целост. Независно од ова, јавните обвинителства водат и други постапки за поединечни објекти – дивоградби и во Чаир и во други општини во државава. Некои од нив се во истрага, а некои и во судска постапка.