ЈО одзеде документација од три фирми, Makrpress.mk со реакција

/ 16.09.2020

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи изутринава спроведе координирана акција при што е одземена документација од три фирми за кои постои основано сомнение дека во предизборниот период наменски отвориле портали без импресум, адреса на седиште и без објавување на ценовник за рекламирање.

Од ОЈО информираат дека надлежен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција издал Наредба за проверка на фирмите.

– Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција достави Известување според кое постои сомневање дека политичките партии за време на предизборниот период платиле политичко рекламирање на интернет портали што биле непосредно отворени и со мала посетеност, стои во соопштението од ОЈО, пренесе Македонската информативна агенција.

Информативно-забавниот портал Makrpress.mk кој е во целосна сопственост на правното лице Некст левел Солушнс ДООЕЛ Скопје, исто така беше предмет на проверка од страна на инспектори на МВР по наредба на ЈО.

Оттука како редакција чуствуваме потреба на јавноста да и презентираме неколку основни факти со цел спречување на нарушување на угледот на порталот Makpress.mk

– Во врска со изјавите на Јавното обвинителство, сакаме на јавноста да и појасниме дека порталот Makpress.mk во етер продуцира вести од февруари 2017 година а фирмата чија сопственост е порталот е отворена во Централниот регистар на Република Македонија на 01.07.2016 година што е период од три-четири години пред одржување на предвремените парламентарни избори. На тој начин сакаме да и укажеме на јавноста дека нашиот портал не е наменски формиран за пред избори, туку на пазарот се бори повеќе од три и пол години.

Меѓу првите вести објавени на нашиот портал е веста за гостувањето на Златан Ибрахимовиќ на стадионот во Ѓорче Петров, вест за која нашата редакција ексклузивно ја обезбеди снимката од овој натпревар. Датумот на објавата е 30.01.2017 година и со тоа на симболичен начин го започнавме продуцирањето на вести. Линкот во продолжение.

Во овој период на работење, со гордост како тим (сите кои биле ангажирани и допринеле во развојот на порталот) можеме да кажеме дека од Makpress.mk направивме портал кој има објавено повеќе од 160.000 вести (индексирани вести од Makpress.mk на агрегатот daily.mk има 131.261 вест кои јавноста може да ги види на следниов линк. ) станавме дел од професионалниот регистар на медиуми на ЗНМ и СЕММ како и член на Советот за етика во медиумите. До денес, во СЕММ е поднесена само една претставка против нашиот портал која на крајот заврши со помирување на страните, односно ниту еднаш против нашиот портал не е донесена одлука дека се прекршени новинарските и етички стандарди.

Во однос на наводите за импресум, седиште и ценовник за рекламирање ја информираме јавноста дека на нашата почетна страна може да се види сопственикот, издавачот, редакцијата/соработниците, главниот и одговорен уредник на порталот како и контакт информации, уредно линкувани преку делот наведен за контакт и импресум. Исто така во долниот дел од порталот е прикачен и официјален ценовник за рекламирање на порталот. Иако порталите и нивната работа во Република Македонија не се законски уредени, сепак ние како медиум се трудиме да ги испочитуваме сите правила на игра прво во објективното информирање на јавноста и потоа и на пазарот со маркетинг.

Во однос пак, на истрагата отворена од Јавното обвинителство, фирмата Некст левел солушнс соработуваше целосно со инспекторите од МВР и на увид им ја даде целосната документација за платеното политичко рекламирање за последните парламентарни избори, притоа детално објаснувајќи ги документите и нивната содржина. Од самиот старт на политичката кампања па се до нејзиното завршување, од наша страна се запазени сите законски процедури кои воедно им беа и презентирани на инспекторите. Воедно, фирмата Некст левел солушнс во секое време стои отворена за соработка со државните органи, во било кое време и за било која потреба.

На крајот, сакаме и да им се заблагодариме на „професионалните“ наши колеги односно дел од порталите кои пред да пласираат текстови „не побараа“ за изјава, прашање или коментар и веруваме дека на тој начин значително придонесоа за развој на професионалното е-новинарство во Македонија.

Цврсто стоиме позади тоа што го работиме и не сакаме да веруваме дека токму таквите портали кои пишуваа за нас одработиле за дневно-политички интереси.

Со почит, Редакција на Makpress.mk


Од истата категорија