Повеќе лица поврзани со пожарот во тетовската модуларна болница, меѓу кои лекари и медицински персонал, членови на семејства на жртвите, вработени во Министерството за труд и социјална политика, како и надлежни за набавката, монтирањето и одржувањето на модуларната болница, биле повикани во јавните обвинителства во Тетово и во Скопје за да дадат искази и сведочења за сите околности поврзани со трагедијата, информира Службата за односи со јавноста при Републичкото јавно обвинителство, во одговор до „Слободен печат“.
„Интензивно се прибираат вербални и материјални докази. Сослушани се повеќе лица кои можат да дадат податоци за настанот, меѓу кои и медицинскиот персонал, претставници од проектната единица при Министерството за труд и социјална политика, лица вработени во надлежните институции кои ја спровеле постапката за јавна набавка и поставување на модуларната болница, членови на семејствата на починатите. Повикани се и други лица, чии искази ќе помогнат во откривањето на причините за пожарот, a чиј конкретен број во моментов не може да се прецизира, од причина што зависи од потребата за целосно расчистување на причините за пожарот – се вели во одговорот од ЈО.
Обвинителството издало и голем број насоки и наредби за вештачења и прибирање документација, меѓу кои и Наредба за градежно вештачење до Технолошкиот факултет во Скопје.
„Издадена и е Наредба за натамошно обезбедување на местото на пожарот, за да се овозможи повторно вршење увид доколку има потреба во натамошниот тек на постапката. Во обвинителството во тек е и прибирањето на извештаите и документацијата која беше побарана, по што ќе следува разгледување и анализа и ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката“, се вели во одговорот.