Во манастирот Цетиње заврши церемонијата на устоличување на митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј што почна со задоцнување поради протести на противници кои од вчера ги блокираа сите три приоди кон Цетиње. Немирите избија во раните утрински часови, а митрополитот и патријархот Порфириј дојдоа на Цетиње со хеликоптер, каде беа по голема полициска придружба.
Митрополитот Јоаникиј и патријархот на СПЦ Порфириј пристигнаа во Цетиње по девет часот.
Црногорскиот претседател Мило Ѓунаковиќ, кој ги поддржува демонстрантите, од синоќа е во Цетиње. Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ смета дека се што се случи вчера и денеска во Цетиње е обид за терористички акции.
„Напад врз полицијата е напад врз државата! Се што се случи вчера и денеска во Цетиње е обид за терористички акции. Сосема е јасно дека нарачателите и организаторите се највисокото раководство на ДПС во соработка со организирани криминални групи на кои државата ќе им застане на патот“, објави тој на Твитер.
На барикадите кај Белведере во Црна Гора е употребено огнено оружје, јави РТЦГ повикувајќи се на Управата за полиција. Нема извештаи за повредени. На истата локација претхгодно беше регистрирана и експлозија. Откако е запалена блокадата кај Белведере, насобраните демонстранти се упатија кон Цетиње и манастирот.
По свечениот чин на устоличување, Јоанакиј замоли за прошка затоа што свештенството и патријархот видоа во Црна Гора многу непријатности и поделби. Јоаникиј беше устоличен со извици „Достоен“. Јоаникиј рече дека поделбите се вештачки предизвикани, и дека направиле се да ги отстранат, за што, како што рече, ќе треба многу време. Нагласи дека ќе служи за братско помирување во Црна Гора.
„Со овој свечен чин, ние не дојдовме да загрозиме некого или, не дај Боже, да украдеме нешто. Дојдовме да го извршиме светиот чин на устоличување на местото на архиепископот на оваа епархија“, рече Порфириј.
Се очекува попладнево патријархот и митрополитот да се вратат во Подгорица.
Автобусите со свештеници кои беа на пат за Цетиње се вратија во Подгорица.
Во градот е речиси неможно да се движат луѓе поради голем број фрлени солзавци, јавија црногорски медиуми.
Американската влада ги повика сите страни во Црна Гора итно да ја смират ситуацијата, соопшти американската Амбасада во Подгорица.
„Верските слободи и слободата на изразување, вклучувајќи мирно собирање, мора да се почитуваат. Иако имаше многу вперување со прст за тоа кој е одговорен, на крајот поединците ќе одговараат за своите постапки“, пишува на Фејсбук страницата на Амбасадата на САД.
Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ објави дека е уапсен Веселин Вељовиќ, советник на претседателот на државата поради немирите во Цетиње. Според РТЦГ уапсени се и други пет лица.
Тензично е во Цетиње денеска каде полицијата фрли солзавец врз граѓани на повеќе локации кои протестираа против устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во манастирот Цетиње. Од раните утрински часови се слушаа полициски сирени. Во инцидентите повредени се четири лица соопштија од Општата болница во градот. Според РТЦГ врз граѓаните се фрлени три солзавци и неколку шок бомби. Илјадници граѓани ја поминаа ноќта блокирајќи ги влезовите на Цетиње со цел да ги спречат Јоаникиј и свештеници да влезат на Цетиње.