„Ние веднаш се зафативме со работа, а тоа што сакам да го споделам е дека започнавме со решавање на неколку суштински проблеми. Еден од тие проблеми е и се уште сообраќајниот метеж во нашата општина. Па, така веднаш започнавме со реализација на првата фаза од проектот на река Отиња, со што се подобрува протокот на главната сообраќајница во централното градско подрачје. Ја завршивме првата фаза и во наредниот период ќе продолжиме со реализација на следните фази со што оваа сообраќајница ќе добие комплетно нов изглед и поголем проток на возила. А, во меѓувреме започнавме и со проширување на крстосницата со населба Сењак, тоа е тесна точка во овој дел во градот. Со тоа што во наредниот период ќе ја завршиме комплетно оваа крстосница, со четири ленти од постоечките две коловозни ленти, со нова сообраќајна сигнализација, со што комплетно ќе се подобри сообраќајното решение и протокот на возила во овој дел од градот“, истакна Иван Јорданов, градоначалник на општина Штип во изјава за вестите на Алфа телевизија.
Јорданов додаде дека откако стана градоначалник заедно со неговиот тим се зафатија суштинските проблеми на граѓаните во градот да ги решат и да им се подобрат условите за живот во Штип.
„Во насока на ова веќе на следна седница на Совет ќе носиме одлука за воведување на јавен превоз во Штип. Со што ќе се овозможи граѓаните да бидат поврзани со централното градско подрачје, а исто така и да се намали сообраќајниот метеж. Но, она кое што сакам да го споделам со јавноста е дека во Штип започнавме проект „Штип без кал“, за асфалтирање на многу улици во приградските населби кои што досега биле во кал и прашина. Започнавме со неколку улици кои што веќе се асфалтирани и завршени, но заради временските прилики, заради затворањето на асфалтните бази моравме да прекинеме со реализација на овој проект. Веднаш штом се подобрат временските прилики ќе продолжиме со реализација на овој проект и поголем дел од приградските населби во Штип за прв пат ќе добијат асфалтен слој. И ќе се подобри патната инфраструктура во населбите кои што со години биле заборавени“, нагласи Јорданов.
Јорданов посочи дека тоа се само дел од проектите коишто се започнаа да се реализираат, а се од суштинско значење за општина Штип.
„Општина Штип, морам да бидам искрен има ликвидни средства за работа, но ЈП кое што е поврзано индиректно до Општина Штип има наследено огромен долг од 5 милиони евра, односно 300 милиони денари кој што е проблем за сервисирање затоа што на месечна основа имаме рати кои што доспеваат и кои што треба да се враќаат, има неплаќани фактури и износи на добавувачи кои што работеле со ЈП. Но, неодговорното работење во минатото денес создава проблеми, а дополнително на сето ова е и енергетската криза околу 19 милиони денари ни доспеа фактура за електрична енергија за ЈП за месец јануари, што ни создава проблем, затоа што поголем дел од проектите кои што сме ги испланирале во Буџетот да ги реализираме ќе мора овие средства да ги насочиме за покривање на долговите и за покривање на трошоците за електрична енергија“, појасни Јорданов.
Јорданов укажа дека во овој момент Општината е ликвидна, а создава проблеми ЈП Исар кое што има огромен долг од 5 милиони евра.