„На почетокот на изборната кампања од името на општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија сакаме директно и недвосмилено да им порачаме на сите раководители на државните институции од Тиквешкиот регион и од целото Повардарие да не се обидуваат да бидат купувачи на гласови на Зоран Заев“, предупреди денеска Зоран Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ, кандидат за пратеник од Кавадарци од ИЕ 4.
Тој посебно истакна дека ова се однесува на сите полициски началници и службеници кои „беа дел од клиентелизмот на Оливер Спасовски“.
„Ниту едно негово тапкање по рамо да бркате работа бидејќи тој стои позади вас нема да ви се исплати. Ниту една синдикална функција, ниту пак фамилијарна блискост нема да ве заштити од кривичната одговорност ако бидете фатени дека вршите притисок и кампања додека сте чувари на редот и мирот на граѓаните.
Нашите општини се преплавени со мигранти, на чии криумчари крајно време е да престанете да им помагате. Истото се однесува и на сите вработени во јавните претпријатија, Македонски шуми со своите подружници, електрани на Македонија со своите подружници, сите општински претпријатија, градинки и училишта’, изјави Јованчев.
Тој заклучи дека Заев деновиве ги пушта низа вода и своите најблиски и најкрупни соработници.
„Затоа не се обидувајте да му помогнете. Во спротивно секоја ваша уцена или закана, притисок за гласање ќе биде јавно објавена и пријавена пред органите на прогонот.
Запаметете, Македонија не е Заевистан и затоа не го правите она што тој ви го кажува и она што тој ви го наложува“, порача Јованчев.