Зоранчо Јованчев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет на која се дискутираше Предлог Буџетот за 2027 година, истакна дека приоритети за 2027 година се одговорното управување со јавните финансии, намалувањето на задолжувањата и поддршката на земјоделството, како и останатите сектори.

„Во следната 2027 година доспеваат обврски за сервисирање и рефинансирање на долгот во износ од околу 124,6 милијарди денари или околу приближно 2 милијарди евра. Само за отплата на главнината се предвидени 64,7 милијарди денари, додека за камати планирани се планирани скоро 25 милијарди денари. Особено значајна обврската за еврообврзницата од пола милијарда евра или 500 милиони евра издадена во 2023, којашто доспева токму во 2027 година“, рече Јованчев и додаде:

„Ова се пари кои не смееме и не можеме да ги пренамениме за нова болница, ново училиште, пат или водовод. Тоа се исклучиво обврски коишто мора да ги исполниме, коишто овие претходно коишто владееле со државата, а тоа се СДС и ДУИ, душмански ја задолжија државата. И токму тука се гледа разликата меѓу неодговорното и одговорното управување со јавните финансии. Неодговорното управување ги одложува проблемите и ги остава на товар на следните генерации“.

Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно, се соочува и ги решава проблемите, а истовремено создава и услови за развој. Според него, определбата на власта е да ја зачува финансиската стабилност и постепено да ја намали потребата од нови задолжувања. Покрај образованието, здравството, тој го посочи и земјоделството како еден од приоритетите за 2027 година.

„Земјоделството останува еден од стратешките приоритети на Владата предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и важен столб на економскиот развој на нашата држава. Со овој буџет за 2027, година обезбедуваме значајна финансиска поддршка во земјоделството со вкупно планирани средства од 10,96 милијарди денари, скоро 11 милијарди денари во функционалната класификација за земјоделство, шумарство, лов и риболов. Нашата цел не е само да извојуваме средства, туку истите тие средства да ги претвориме во конкретни резултати, посилна поддршка за земјоделците, модернизација на земјоделието, подобри системи за наводнување, поконкурентни домашни производи и сигурна иднина за руралните средини. Свесни сме дека предизвиците се големи, тоа го знаеме. Но со овој буџет правиме чекор напред во создавањето посилно и поодржливо земјоделство. Затоа што вложувањето во земјоделството не е само економска инвестиција. Тоа е инвестиција во храна, во домашно производство и во иднината на Република Македонија“, посочи Јованчев.