Има обезбедено финансиски средства за обуките за невработени лица за Б, Ц и Д категорија за возачи, но ја чекаме одлуката на судот, изјави денеска директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Велес.
– Во делот за обука за Б, Ц и Д категорија за возачи, ние се изгубивме во лавиринтот на судските процеси. Имено, по направениот избор на економски оператор, којшто требаше да ги спроведува тие обуки, беше поднесена жалба до Второстепената комисија за јавни набавки. По одлуката на Второстепената комисија, економските оператори го искористија правото на тужба пред Управниот суд и жалба до Второстепениот управен суд. Во моментов, предметот е во Второстепениот управен суд и ја чекаме одлуката, потенцира Јовановска.
Додаде дека по добивањето на одлуката, ќе знаат што да прават понатаму – дали да распишат тендер за избор на нов оператор или ќе продолжи постапката со сегашниот економски оператор.
– Во секој случај сакам да нагласам дека финансиски средства се обезбедени за оваа година и истите ќе преминат со реализација во наредната година, појасни Јовановска.
Таа информираше дека во 2019 година на барање на невработените лица, освен досегашните основни обуки за ИТ вештини, за првпат ќе споведе и напредни обуки за ИТ вештини и напредни степени за странски јазици, како и други обуки за кои има интерес.