Одговорно тврдам дека обвинителите не се под ничие влијание. Се разбира, станува збор и за интегритетот на јавните обвинители, секој од нас има посебен интегритет. Но, политиката и работењето на Обвинителството е тоа целосно да биде самостојно и политичарите и други центри на моќ да ги тргнат рацете од Обвинителството, рече денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, одговорајќи на пратенички прашања.
-Обвинителството, навистина, ако не е самостојно, нема да ги презема овие кривични дела и да ги истражува. Јас на кое влијание припаѓам? На ниедно. Припаѓам на професионалност. Можете сите обвинители во Републикава да ги прашате дека од првиот ден од моето именување се залагам и ја бранам самостојноста на јавните обвинителства. Јас одговорно ви тврдам дека обвинителите не се под ничие влијание. Се разбира, станува збор и за интегритетот на јавните обвинители, секој од нас има посебен интегритет. Но, политиката, работењето на Обвинителството е тоа целосно да биде самостојно и политичарите и други центри на моќ да ги тргнат рацете од Обвинителството, подвлече Јовески.
Во врска со конфискацијата на имотот и поднесената кривична пријава против тројцата јавни обвинители, тој информира дека во овој предмет Обвинителството има кривични пријави и против други лица – физички лица и други правни лица.
-Оваа постапка е здружена во една постапка во која Обвинителството утврдува дали кај одредени субјекти кои биле надлежни за извршување на мерката конфискација, има определени прекршувања, има определени елементи на кривично дело, соопшти Јовески.
Според него, кривичната пријава сама по себе не значи ништо.
-Задача е на Обвинителството сите факти и околности што се наведени во кривичната пријава да ги провери и за тоа да обезбеди докази. о вашето прашање го засегнавте и влијанието врз Обвинителството и во делот на неговата несамостојност. Па едно со друго е противречно, истакна обвинителот Јовески.
Деновиве очекувам ОЈО во Тетово да донесе одлука за пожарот во модуларната болница
Жал ми е што големата трагедија во болницата во Тетово се користи за политички цели. При крај е овој дел од постапката и деновиве, за брзо време, очекувам Обвинителството во Тетово да донесе одлука во врска со овој настан, рече денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Одговорајќи на пратеничко прашање на собраниска седница, Јовески напомена дека Обвинителството од почеток пристапи одговорно кон овој случај.
-Доколку ние како што беше поставено во пратеничкото прашање сакавме да го забошотуваме овој случај и да не го истражуваме, немаше уште вечерта на помош на јавните обвинители од ОЈО во Тетово да им ги ставиме на располагање двајцата дежурни јавни обвинители од ОЈО во Скопје и на Обвинителството во Тетово му ги ставиме на располагање сите ресурси со кои располага Обвинителството, истакна Јовески.
Според него, доволна проценка дека Обвинителството постапува објективно во овој случај треба да биде и фактот дека Обвинителството побара меѓународна правна помош од германски експерти за да извршат вештачење на конкретниот настан.
-Во овој предмет, во овој дел на постапката не се преземени дејства само овие вештачења, туку сослушани се повеќе лица, извршени се други вештачења од Технолошкиот факултет, вештачење на електричната инсталација,… Јас нема сега со оглед на фазата во која се наоѓа предметот да ги изложувам сите дејства што се преземени од страна на Обвинителството, но уште еднаш сакам да ве уверам дека Обвинителството целосно го истражува овој случај и на поставените конкретни дилеми одговорности евентуални на определени лица ќе даде одговор. Покрај тоа, сакам уште еднаш во делот на објективното постапување на Обвинителството да ве известам дека беше формирана во врска со овој трагичен настан и работна група во Обвинителството од страна на обвинители која им помагаше на обвинителите доколку имаа правни или други прашања што не можеа сами да ги разрешат, објасни државниот јавен обвинител.